Се нарачува кујнски прибор за 37.000 евра, Ковачевски ќе преиспитува

by fokus

Службата за општи и заеднички работи на Владата сака да купи скап кујнски прибор во вредност од 37 илјади евра. Оваа набавка за којшто е распишан оглас е за потребите на сите државни институции, вклучително Претседателот на државата, Собранието и владините институции, како и за сите посети на странски делегации во Македонија.

Се нарачуваат ножеви од по 10 евра од парче, виљушки од по девет евра, како и лажици од по шест и пол евра, 60 нови кристални чаши. Чиниите достигнуваат и цена од 88 евра по парче.

Договорот вреден над 37.000 евра го добија три фирми -„Еурефи Инжинеринг“, „ДЛ Конкорд“ и „Дидакс“ сите од Скопје.

Мандатарот Димитар Ковачевски кој треба наскоро да седне на премиерското столче најави поништување на набавката ако е спорна.

-Јас немам детали за таа набавка бидејќи сеуште не сум на премиерската позиција во Владата којашто може да има увид во таков вид на јавни набавки. Меѓутоа од кога ќе станам претседател на Владата ќе се информирам за таа набавка којашто беше предмет на интерес на јавноста, доколку јавната набавка е во обем и во постапка којашто не е соодветна на очекувањата, јас таа одлука ќе ја поништам, рече Ковачевски.

Поврзани новости