Владата во Унгарија предводена од Петер Маѓар ќе истражува дали има можна злоупотреба на државни средства во однос на кредитот од една милијарда евра што државната „Ексимбанка“ ѝ го даде на Македонија. Ова денеска го соопшти Маѓар, кој, како што пренесоа тамошните медиуми, сподели дека кредитот што го доби Македонија е еден од четирите случаи поврзани со „Ексимбанка“ за кој денеска Министерството за економија и енергетика поднело жалби.
„Министерството за економија и енергетика поднесе четири жалби во четврток за наводна измама во вкупна вредност од илјада милијарди форинти, во четири различни случаи. Сите се однесуваат на активностите на ‘Ексимбанк’ – рече Маѓар.
Тој наведе дека кредитот бил даден под многу поволни услови со каматна стапка од 3,25 проценти.
Заемот, рече, ќе го чини унгарскиот буџет 90 милијарди форинти (околу 248 милиони евра) поради каматните разлики.
„Ова претставува товар од 90 милијарди форинти (околу 248 милиони евра) за унгарскиот буџет, а унгарската држава презеде 100-процентна гаранција за заемот под водство на владата на Орбан“ – рече Маѓар.
Според него, каматната стапка по која државната „Ексимбанка“ ѝ го дала кредитот на Македонија е далеку поповолна од оние каматни стапки по кои унгарските компании и граѓаните на земјата добиваат заеми.