Втор круг од претседателските избори во Бугарија

by valentina 10:04
10:04

Бугарските граѓани денеска повторно ќе излезат на гласање, во вториот круг од претседателските избори, на кој ќе одлучуваат меѓу кандидатските двојки Илијана Јотова – Кирил Валчев и Андреј Ѓуров – Георги Кандев. По првиот круг, во кој ниту една од вкупно 27 кандидатски двојки не освои доволно гласови за победа, претседателската трка се сведе на двајцата кандидати со најголема поддршка.

Првиот круг, одржан на 25 октомври, помина со исклучително низок одѕив. Од вкупно 6,6 милиони граѓани со право на глас, на избирачките места излегоа 1.525.034 гласачи, односно 22,98 проценти. Јотова и Валчев освоија 34,76 отсто од гласовите, додека Ѓуров и Кандев добија 31,95 проценти, со разлика од 42.700 гласови.

Гласањето се одвива во услови на изразена политичка поларизација, недоверба кај дел од граѓаните во политичките процеси и слаб одѕив во првиот круг. Тогаш Јотова освои најголем број гласови, но недоволно за победа, поради што одлуката за новиот претседател и потпретседател на Бугарија се префрли во вториот круг.

Втората недела од кампањата беше обележана со директно соочување на двајцата претседателски кандидати, политички пораки, медиумски настапи и билборди низ бугарските градови. Особено внимание привлече единствената телевизиска дебата меѓу Јотова и Ѓуров, одржана на 29 октомври на Бугарската национална телевизија, во која беа отворени прашања во врска со улогата на претседателската институција, надворешната политика и идниот правец на земјата.

Кампањата заврши во петокот, а вчера беше таканаречениот ден за размислување, кога е забранета политичката агитација. Во фокусот пред денешното гласање останува прашањето дали двајцата кандидати ќе успеат да ги мотивираат неопределените и граѓаните кои не гласаа во првиот круг да излезат на избирачките места.

Изборниот ден започнува во 7 часот и ќе трае до 20 часот (по локално време), со можност за продолжување до 21 часот доколку има граѓани кои чекаат да гласаат. Право на глас имаат околу 6,6 милиони граѓани, а гласањето ќе се спроведува на вкупно 12.683 избирачки места во земјата и странство, претежно со гласачки машини.

Слични вести