Од утре, 1 ноември, стапува на сила забраната за спортски риболов на сите води во Националниот парк „Маврово“. Риболовците ќе мора да ги остават трските до 31 јануари 2027 година, а новата сезона ќе започне на 1 февруари, соопшти управата на паркот.
Забраната ги опфаќа Мавровското Езеро, реката Радика и останатите водотеци во рамките на заштитеното подрачје. Целта е зачувување на рибниот фонд, заштита на водните екосистеми и одржување на природната рамнотежа.
Од Националниот парк апелираат до спортските риболовци и посетителите да ги почитуваат утврдените правила, со што ќе придонесат за обновување на рибните популации.
Завршувањето на сезоната доаѓа непосредно по активностите за порибување на Мавровското Езеро. Во рамките на годишниот план, во езерото биле пуштени 200 килограми пастрмка и 200 килограми крап, а дополнително било извршено порибување со речна пастрмка во дел од реките на територијата на паркот.
За крапот претходно беше воведена посебна забрана за риболов до 31 декември 2026 година, со цел младите единки успешно да се приспособат, да растат и да го обноват рибниот фонд.
Пастрмката, пак, уште во октомври беше исклучена од дозволениот спортски риболов поради периодот на природен мрест.
Според годишниот распоред, сезоната за спортски риболов на Мавровското Езеро во 2026 година започна на 1 февруари. Во пролетните месеци риболовот беше дозволен во определени денови, додека во летниот период можеше да се лови секој ден, со почитување на ограничувањата за одделните видови риби.
На реката Радика и нејзините притоки редовната сезона заврши порано, на 30 септември.
Новата риболовна сезона е најавена за 1 февруари 2027 година и ќе трае до 31 октомври, според распоредот што го објави Националниот парк.
Управата им се заблагодари на риболовците за досегашната соработка и за почитувањето на правилата, особено за време на Светското крапско првенство.
Од паркот потсетуваат дека заштитата на рибите и нивните природни живеалишта е неопходна за долгорочно зачувување на биолошката разновидност на Маврово.