Владата на Емил Димитриев платила 219.000 евра на странски компании за пи-ар услуги во изборна кампања

by fokus

Поранешната Влада на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година на денот на почетокот на предизборната кампања, на 21 ноември, ангажирала две странски компании специјализирани за односи со јавност и креирање стратегии, за чии услуги, согласно договореното исплатила вкупно 219 илјади евра, пишува МИА.

Нема детали и извештаи што сработиле, но парите се исплатени и тоа 73 илјади евра месечно. Договорите до кои дојде МИА, поранешната влада ги склучувала со странски компании специјализирани за односи со јавност и стратешки планирања во текот на 2016 година.

Два договори, поранешната влада ги склучила во ноември 2016 година. Станува збор за компаниите Мерјкури Интернешнл УК лимитид и Флајшман Хилард. Едната е со седиште во Лондон, а другата во Франкфурт.

Според договорите, услугите на двете компании се идентични. Тие на Владата и понудиле пренесување аргументи и пораки на највисоко ниво во носење одлуки, организирање и спроведување политички настани на високо ниво, идентификација на соговорници и договарање состаноци со влијателни тинк-тенк и организации, учество на конференции, панел дискусии и други активности.

Поранешната Влада, според договорите, добила и подготовка на функционери на РМ за состаноци и настани преку идентификација на приоритетни полиња и теми на дискусии, присуство на претставници на државната власт на земјава на реномирани телевизии, електронски и печатени медиуми, влијателни веб страници и социјални канали.

Договорот ги обврзува компаниите да достават извештаи до Владата за извршените услуги, но такви извештаи во Владата не се пронајдени, а парите се исплатени.

Поврзани новости