Владата му одговори на Данев за отсуството на неколку министри

by fokus

Владата денеска соопшти дека со сите свои капацитети е во целосна функција и во служба за граѓаните и оти обврските и должностите кон Собранието, како и пред граѓаните, целосно ги исполнува, вклучително и обврската за редовно одговарање на пратенички прашања. Соопштението од Влада следи откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, на денешната собраниска седница реагираше дека многу од министрите не се присутни поради што пратениците не можат да добијат одговори на нивните прашања.

– Претседателот на Владата на Република Македонија редовно присуствува на овие собраниски сесии и целосно ја презема одговорноста да ја претставува работата на Владата во сите нејзини аспекти, и да одговори на пратеничките прашања. Таа обврска ја исполнуваат и сите останати членови, министри и заменици министри во Владата на РМ. Понекогаш нивните обврски, работни посети и службени ангажмани на терен се совпаѓаат со парламентарните сесии посветени на пратеничките прашања. Во такви ситуации нивните обврски се исполнуваат според постапката за соодветна замена или за писмен одговор на пратеничките прашања во најкус можен рок, се наведува во соопштението.

Владата, како што се потенцира, останува посветена на одговорно однесување кон Собранието, кое граѓаните на земјата го очекуваат од сите институции и релевантни политички субјекти.

Поврзани новости