Четворицата надворешни соработници што ги ангажирал премиерот Зоран Заев ја чинат државата 170.000 денари.
Според информации од владата, најскапо платен е српскиот државјанин Зоран Башановиќ, кој е надворешен соработник на Заев за економија за сума од 90.000 денари.
Надворешните соработници на премиерот за подготовка на анализи, извештаи и мислења за унапредувања на меѓуетничките односи, односно за остварување на стратешките приоритети за членство во НАТО – Мерсељ Биљали и Исмет Рамадани, ќе земаат по 40.000 денари.
Како што велат од владата, четвртиот надворешен соработник Митко Андреевски, чија задача е да изработи анализа за информација со податоци и изготвување на елаборат од областа на енергетиката, ќе работи про боно или без паричен надоместок.
Покрај тоа, премиерот досега има назначено и 8 посебни советници кои го советуваат за прашања од различни области – правда, култура, администрација, односи со јавност, надворешна политика, евроинтеграции, земјоделство, екологија.
Поранешниот премиер од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, имаше десетици советници, меѓу кои и синот на пензионираниот дипломат Ристо Никовски – Александар Никовски, кој добивал хонорар од цели 3.000 евра.