Владата ќе набавува 200 респиратори, финансиските друштва ќе наплаќаат 70 отсто помалку

by Фокус
Владата соопшти дека на денешната седница донесе одлука за забрана и посебен режим на движењето на населението во Општина Куманово, и тоа целосна забрана за време на викенд, почнувајќи од 21:00 часот во петок до 05:00 часот во понеделник, додека во работните денови од понеделник до петок забраната важи секој ден во периодот од 16:00 до 05:00 часот.
„За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби. Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи на подрачјето на Општина Куманово. Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) кои своите работни ангажмани ќе ги реализираат непречено“, информираа од владата.
Воедно, на оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата според која Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) позитивно одговори на барањето на нашата земја да ѝ биде одобрен Инструментот за брзо финансирање во висина од 175,2 милиони евра како помош за финансирањето на мерките за здравствена и макроекономска стабилизација и исполнување на потребите на билансот на плаќање кои произлегуваат од појавата на КОВИД-19.
Понатаму, Владата ја разгледа и усвои Уредбата за интервентна набавка на респираторни машини за време на вонредна состојба, со која се уредуваат условите и постапката за интервентна набавка на 200 респираторни машини заради спроведување на мерките за справување со коронавирус КОВИД-19 за време на траење на вонредната состојба, согласно спецификација уредена со Уредбата со законска сила.
„За оваа набавка Министерството за здравство ќе објави јавен повик на својата веб страницата, кое ќе трае 72 часа од моментот на неговото објавување. Оценка на пристигнатите понуди ќе ја врши тричлена Комисија од редот на вработените административни службеници формирана од Министерството за здравство“, објаснуваат од владата.

Од таму додаваат дека на седницата на Владата е донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба.

„Според Уредбата за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, усвоена од Владата на денешната седница, која го регулира поднесувањето на пријави во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) за реемитување на програмски сервиси на странски радиодифузери кои операторите планираат да ги реемитуваат на својот програмски сервис за територијата на Република Северна Македонија, операторите ги доставуваат пријавите во ААВМУ. Подзаконските акти донесени од ААВМУ согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги продолжуваат да се применуваат се до донесувањето на соодветните подзаконски акти определени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, велат од владата.

Исто така, Владата денеска ја донесе и Уредбата за финансиска поддршка на самостојните уметници за време на вонредна состојба со која се уредува финансиската поддршка на самостојните уметници за месеците април и мај 2020 година во месечен износ од 14.500,00 денари.

На оваа седница е донесена и Уредба со законска сила за примена на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити за време на вонредна состојба, според која во периодот на пандемијата се воведува ограничување на висината на трошоците кои не се вклучени во пресметката на годишната стапка на вкупни трошоци, како што е казнена камата, опомени и други трошоци поврзани со нередовно плаќање на обврските.

Исто така беше донесена и Уредба за примена на Законот за финансиските друштва за време на вонредна состојба, која предвидува во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година физичките лица кои се корисници на кредити по договорите за кредит кои се склучени заклучно со 31 март 2020 година да ги плаќаат обврските на месечен ануитет намален за најмалку 70 отсто од редовниот месечен ануитет, а финансиските друштва не смеат да пресметуваат и наплатуваат надоместоци, трошоци, провизии и/или казнени камати.

Поврзани новости