Владата на Република Македонија ќе продолжи со политиката на поддршка на спортот. Во таа насока и новините што ги разработуваме, со почеток од наредната календарска година, како воведувањето спортски ваучер, со шест милиони евра средства за поддршка на севкупниот спорт во земјата. Тука се и веќе договорените финансиски средства од новиот буџет во висина од 2,5 милиони евра за изградба на Дом на спортовите каде ќе бидат сместени сите спортски федерации.
Тоа денеска пред спортските новинари од регионот го истакна премиерот Зоран Заев на отворањето на Конгресот на новинарите од спортските редакции на државите од Југоисточна Европа што се одржува во Охрид.
-Ние веруваме дека ако спортот оди напред, тоа е потврда за развојот и растот на државата. Како политика сме должни и натаму да даваме сериозна поддршка на спортот. Вам спортските новинари Ви се заблагодарувам на професионалноста во дејноста што ја вршите. Она што би сакал да го нагласам е дека доколку сите ние професионално си ја извршуваме дејноста, амбиентот во земјите од регионот ќе биде подобар, помотивирачки и подостоинствен за севкупно живеење, рече Заев поздравувајќи ги сите општествени чинители и стопански субјекти што издвојуваат средства за поддршка на спортот.