Владата ќе го испрати ревизорскиот извештај за МЕПСО до ОЈО, има сомневања за криминал со имотот

by fokus

Владата денеска соопшти дека ревизорскиот ивештај за МЕПСО за 2016 година, кој го усвои на вчерашната седница, ќе биде испратен до Основното јавно обвинителство поради одредени индикативни наоди.

-Има одредени наоди поради кои Владата вчера донесе одлука и заклучи дека овој ревизорски извештај ќе биде испратен до Основното јавно обвинителство со цел овие индикативни наоди да се проверат дополнително и дека доколку Обвинителството смета дека има простор за некакви постапки, да ги започне, изјави владиниот портпарол, Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција.

Според Бошњаковски, има два индикативни наоди во извештајот, од кои едниот се однесува на купување на имот од страна МЕПСО во 2012 година, а другиот, исто така за имот на државната компанија, кој не бил впишан во катастарот како нејзин имот, односно имот на државата по раздвојувањето на Електростопанство на Македонија (ЕСМ) во две компании во 2005 година.

-Во 2011 година МЕПСО добил понуда да откупи имот од вкупно 2.178 метри квадратни по цена од 3,7 милиони евра. МЕПСО ја одбива оваа понуда. Две години подоцна истата оваа површина, истиот овој имот, друго правно лице го продава на МЕПСО за 4,8 милиони евра. Ова е првата информација. Втората информација се однесува од времето на двоењето на Електростопанство на Македонија, кога дел од мрежата, далекуводи и сл, трафостаници кои што во сопственост на МЕПСО не биле впишани во катастарот како имот на МЕПСО. Овие објекти ЕВН ги има издадено под закуп и има земено хипотекарен кредит. Во ревизорскиот извештај е наведено дека оваа ситуација мора да се расчисти, односно овој имот е во сопственост на државата, односно на МЕПСО, рече Бошњаковски.

Поврзани новости