Бучковски за случајот „Тенковски делови“: Ниту на крај памет не ми паднало да бидам воен профитер!

by fokus

Универзитетскиот професор и поранешен премиер Владо Бучковски во петокот седна на обвинителна клупа во Кривичниот суд, каде што заедно со уште неколкумина, им се суди за случајот „Тенковски делови“. Овој предмет веќе 11 години се влече низ судските лавиринти, а неодамна стартуваше од почеток, бидејќи Врховниот суд кон крајот на 2016 година ги укина претходно донесените две пресуди.

Според обвинението, Бучковски, Методи Стамболиски, Нелко Менкиновски, Ацо Ѓурчевски и Митре Петковски ја злоупотребиле службената положба при набавките на резервни делови на армиските тенкови во 2001 година и го оштетиле буџетот за над 2 милиона евра.

Кривичниот суд во 2013 година го осуди Бучковски на три години затвор, а наредната година Апелациониот суд му ја намали казната на две години затвор. Бучковски, како вонреден правен лек до Врховниот суд поднесе жалба, по што во 2016 година беше донесена одлука со која предметот се врати од почеток, а претходните две пресуди се укинаа. Додека Врховниот суд да се произнесе, професорот беше на слобода.

На повтореното судење, обвинителот истакна дека засега останува на истото обвинение. По него, воведен говор даде Бучковски, кој посочи дека поради овој апсурден случај 11 години заедно со останатите обвинети минале низ голгота.

-Да бевме држава во која владее правото уште по првата пресуда во 2009 година на Апелација ќе прекинеше овој срам за македонското правосудство. Тогаш обвинителот не смогна сили да се повлече, со што сериозно го наруши угледот на обвинителството. За овој случај 99 проценти од доказите ги понуди одбраната, а нападот на обвинителството врз нас почива на еден интерен доказ и два вербални докази. Низ постапката се уверија сите дека покрај мене, за кого се водеше политички нарачан процес, страдаа и уште четворица обвинети само за да се докаже дека постои злосторничко здружување, рече Бучковски во својот воведен говор.

Тој наредната реченица не успеа да ја изговори до крај, бидејќи додека изусти „Срамота е за правосудните органи…, судијката го прекина и го предупреди да внимава како зборува, на што Бучковски и одговори дека ја прифаќа нејзината забелешка, но и појасни дека револтот е голем, бидејќи како што рече, во случајот се гонеле поранешен министер за одбрана и генерали кои ја спасиле Македонија од граѓанска војна.

-Станува збор за воената криза каде што одбраната на територијалниот интегритет и суверенитет беше моја должност како министер за одбрана. Станува збор за набавка на тенковски делови за тенковите кои ги добивме во 1999 година како донација од Бугарија. За да ви доловам во каква состојба беа, ќе ви речам дека носевме боја од Скопје за да ги офарбаме за да изгледаат дека се во функција, рече Бучковски.

Тој појасни дека Генералштабот е стручниот орган кој донел одлука за набавка на тенковските делови, бидејќи овој орган се грижи за борбената готовност на државата, а министерот, како цивилно лице, треба да ја почитува нивната одлука за набавка, која и на лаик му било јасно дека е неопходна.

-Набавката која се случи среде воена криза беше итна, и не беше спорно дали е неопходна, туку дали има пари да се плати. Имајќи во предвид дека МЗТ Фок беше партнер на Армијата и полицијата, прифати целосно да ги задоволи потребите на македонската армија, а плаќањето да биде извршено со средства од наредната буџетска година, појасни Бучковски.

Тој додаде дека е апсурно за ваква набавка да одговарале обвинетите Ѓурчевски и Менкиновски, бидејќи немале допирна точка со истата, а на обвинителна клупа ги седнале бидејќи одбиле да сведочат против него. Појасни и дека овие делови ги надживеале и тенковите.

-Затоа тоа не можеше да го премолчи ниту Врховниот суд со пресудата која ја донесе во 2016 година. Судот гласно се прашува дали воопшто била нанесена штета, ако се има во предвид дека набавените делови се ускладени и исправни и во денешно време можат да бидат предмет на продажба или размена, рече Бучковски.

Тој се обиде на судот да му објасни дека немал друг избор освен да ги набави деловите.

-Да се биде министер во време на војна и да се има вакво барање од генерали, има две опции, или да се верува на проценката на стручните лица или со непочитување да се загрози безбедноста на државата и да се создаде можност да те обвинат за велепредавство, како што имаше обиди во 2001 година. Ниту на крај памет не сум помислил да бидам воен профитер, туку со својот капацитет правевме се да го одбраниме територијалниот интегритет и суверинитет на нашата држава, истакна Бучковски.

Тој додаде дека неговата голгота почнала многу порано од 2007 година, кога беше поднесено обвинението.

-Голготата почна во пресрет на фамозните избори на 15 септември 2002 година, бидејќи само една недела претходно МВР поднесе кривична пријава за сторената набавка, за злоупотреба на службената положба и овластување. Со решение на јавниот обвинител наредната година пријавата беше отфрлена, бидејќи според тогашниот обвинитело Јован Серафимовски немало основи на сомнение дека сум го сторил кривичното дело. По неколку години, од причини познати на пошироката јавност, беше повторно отворен случај, потсети Бучковски.

Тој дополни дека во 2003 година со МЗТ Фок било склучено судско порамнување, при што се откажале од каматите.

-Случајот е завршен во 2003 годинина, по сите учебници за право. До денар беше предвидено каде ќе завршат парите за судското порамнување. Компанијата еден милион долари префрли на Фондот за пензиско осигурување, за да се исплатат обврските за вработените. Од друга страна бевме задолжени да вратиме близу три милиони долари, во кои се вклучени и овие пари!? Конечно се надевам дека на апсурдите ќе им дојде крај, со повлекување на обвинението. Сепак и тоа сценарио за нас нема да биде утеха, бидејќи веќе 11 години сме казнети, истакна Бучковски.

Тој заклучи дека бил осудени врз основа на еден вербален исказ на воен старешина кој бил задолжен за набавка на кебиња и чизми.

-Ова е конструиран предмет. Времето покажа дека од почетокот па се до денес не е понуден ниту еден доказ дека било кој од обвинетите остварил било каква имотна корист. Се знае секој денар каде е!, заврши Бучковски, кој истакна дека се надева дека судот конечно ќе си го испере образот и ќе донесе ослободителна пресуда.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости