Генералниот секретаријат на владата ќе потроши 544.000 евра за да преку медиумски кампањи ги „научи“ граѓаните дека добро за здравјето е да се спортува и вежба. Овие пари ќе се потрошат за изгработка на телевизиски и радио спотови, како и за изработка на плакати, кои секојдневно ќе ги потсетуваат граѓаните дека треба да бидат физички активни и да водат здрав живот.
„Набавка на услуги за осмислување и реализација на кампања за поттикнување на населението за водење севкупен здрав живот, како и подигање на свесноста за значењето и влијанието на редовната и зголемена физичка активност, врз примарната превенција од болестите и хроничните заболувања, се вели во склучениот договор помеѓу Владата и три маркетинг агенции, кој е објавен на сајтот на Бирото за јавни набавки.
Mаркетинг агенциjата, Њу моментс Њу идеас, за 230.314 евра треба да подготви и реализира медиа план, да закупи медиумски простор за електронски и печатени медиуми и да направи внатрешно и надворешно рекламирање. Агенцијата Омега комуникејшн, за 211.810 евра треба да направи идејно решение и телевизиски и радио спотови, а маркетинг агенцијата Маркет висион, за 102.660 евра, треба да осмисли лого и идеи за плакати, кои ќе бидат излепени и по влезовите на зградите и лифтовите, веб банери и осмислување и реализација на пиар стратегија.
Пред само еден месец, Генералниот секретаријат на Владата објави и дека ќе потроши 468.000 евра за кампања, со која, има за цел да ја подигне свеста на граѓаните за рационална употреба на лекови.
Тендерите за оваа кампања ги добија маркетинг агенциите „Маркет Висион“, во вредност од 125.552 евра, „Омега комуникејшн“, во вредност од 236.000 евра и агенцијата „Аквариус дизајн“, која од колачот ќе добие 106.545 евра.
Во текот на изминатите години Владата потроши десетици милиони евра за слични медиумски кампањи со кои го „учеше“ граѓаните како да се хранат, како да бидат добри домаќини, да читаат книги, да градат соживот, итн.