Владата ќе потроши 146.000 евра за да ги носи пензионерите на туристички викенд

by Фокус

По бањата на државна сметка, Владата во текот на идната години најсреќните пензионери ќе ги чести и со бесплатен туристички викенд, за што ќе се потрошат околу 146.000 државни пари, без ДДВ.

За реализирање на идејата, Министерството за труд и социјална политика вчера објави оглас на сајтот на Бирото за јавни набавки, каде што ги повикува заинтересираните компании кои нудат хотелски и угостителски услуги да ги достават своите понуди.

Од Министерството засега не ја откриваат дестинацијата, но според најавите на министерот Диме Спасов во април, турата ќе биде во Македонија.
– Бесплатниот викенд ќе може да се искористи во одморалиштата и хотелските комплекси кои се наоѓаат на планините и крајбрежјето на езерата во Македонија како на пр. Во Охрид, Дојран, Струга, Преспа, Берово и Крушево. Во овој проект влегува платен превоз, ноќевање и 2 полни пансиони. Оваа услуга ќе може да ја користат лица – корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија, а лицата корисници на пензија кои користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице имаат право на придружник. Предност ќе имаат корисниците на пониска пензија, изјави тогаш министерот Спасов.

Тој тогаш додаде дека турите ќе се организираат во пролетниот и есенскиот период, а на викенд платен од државната каса ќе уживаат 3.000 пензионери.

 

Поврзани новости