Премиерот Никола Груевски денеска ја најави кампања за безбедност во сообраќајот чија првенствена цел е да се влијае врз подигнување на свеста учесници во сообраќајот.
За комплетното осмислување, креирање и за реализација на кампањата се обезбедени 500.000 евра без ДДВ. Кампањата за подигнување на свесностаза безбедноста во сообраќајот вклучува дизајн и изработка на лого, дизајн и изработка на ТВ-спотови, дизајн и изработка на радио спотови, дизајн на принт огласи и адаптација на билборди и внатрешно рекламирање, дизајн и изработка на web банери, осмислување и реализација на пи-ар стратегија за промоција на кампањата, подготовка на медија план и закуп на медиумски простор за електронски, печатени медиуми, внатрешно и надворешно рекламирање.
Идејните решенија се на пи-ар агенцијата „Република“, освен медија планирањето кое ќе го реализира агенцијата „Њу момент“ и „Њу идеас компани“.
„Фокус“ летово ја најави оваа медиумска кампања и пресмета дека по завршувањето на изборите Владата потрошила вкупно 1.600.000 евра за кампањи.
Причината за отпочнување на оваа кампања, како што вели премиерот, е потребата за подигнување на јавната свест, укажување на значителната бројка на жртви и повредени во сообраќајни незгоди, како и потребата од превенирање и укажување на последиците од несaкани незгоди во сообраќајот.