Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, и извршниот директор на МРТ, Маријан Цветковски, на дебатата за реформи на МРТ, што се одржа денеска во Агенцијата за електронски комуникации, најавија дека Македонската телевизија ќе се реформира со кодекс на однесување и со примена на европските практики за функционирање на јавни радиодифузни сервиси.
-Го подготвуваме заедно со колеги од Хрватската радиотелевизија. На крајот на август очекуваме да биде готов и да помине низ соодветните органи. Најверојатно ќе почне да се применува од септември – рече директорот Цветковски за новиот кодекс на однесување во МРТ.
Министерот Ивановски рече дека Владата со особено внимание ги разгледува сите забелешки од Европската унија, па така ќе се однесува и кон забелешките за МРТ кои беа посочени во извештајот на Прибе.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, предложи комбинација од парламентарен и граѓански модел за избор на раководен кадар, а во обезбедувањето сигурни извори на финасирање покрај подобрувањето на претплатата , во одреден период од државниот буџет да се издвојува 1 отсто.
Слаѓана Димишкова од МАН пак, предложи формирање на уште еден програмски канал на кој уредниците ќе ги поставува партијата што е во опозиција.