Владата донесе одлука времено да и отстапи 50 возила на Државната изборна комисија за нејзините потреби за подготовка на изборите. Освен возилата, ДИК ќе добие и додатни канцеларии до зградата на поранешна „Нова Македонија“, а генералниот секретаријат на Владата исто така ќе треба и целосно технички да ги опреми просториите на ДИК, за да има висок степен на безбедносна заштита, во кои ќе се чуваат сите материјали поврзани со претстојните избори, информираат од Владата.
Освен опрема, дел од институциите добија задача да ги мигрираат податоците од регистрите и базите на податоци со кои располагаат, за да се ажурира избирачкиот список.
Следен чекор на ДИК е да достави мислење за методологијата за прочистување на Избирачкиот список до Државниот завод за статистика, а Заводот во најкраток можен рок да достави одговор до ДИК.