На денешната седница Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за подготовка на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017-2022) со Акциски план.
Од владината прес служба велат дека со оваа предлог стратегија се даваат насоки, правци за подобрување на целокупниот правосуден сектор преку надминување на постојните недостатоци како од нормативен така и од институционален карактер. Стратегијата е проследена со Акциски план кој содржи активности, мерки и рокови со чие спроведување се очекува да се достигне крајната цел на стратегијата – враќање на довербата во институциите преку обезбедување на правна сигурност и пристап до непристрасна и квалитетна правда за граѓаните.
Владата на денешната седница го усвои и Предлог – законот за амнестија, и го задолжи Министерството за правда да го преработи текстот на Предлог – законот за амнестија, како текст на предлог – закон кој се носи во редовна постапка и да предвиди одредба со која ќе биде дефиниран датумот, дека истиот се однесува за кривични дела предвидени со одредбите од овој предлог – закон сторени до 20.9.2017 година.
– Владата ја истакна потребата од организирање на јавна расправа и отворена дебата на оваа тема и го задолжи Министерството за правда истите да ги организира по текстот на одредбите од Предлог – законот, и пред владата да достави нов пречистен и усогласен текст на Предлог – законот за амнестија, откако ќе измине периодот на консултации и откако ќе завршат јавните расправи и отворени дебати – пишува во извештајот од денешната седница.