Владата има рок од 14 дена да им исплати дополнителни 53 милиони евра на Бехтел и Енка

by fokus

Во саботата изминаа 45 дена од потпишување на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10-д кој Владата (без тендер) го потпиша со конзорциумот на Бехтел и Енка. Во овој рок требаше да бидат донесени измените на Законот за работни односи со кој работната недела ќе се зголеми на 60 часа, а доколку тоа не се спроведе, има клаузула според која државата ќе треба да им исплати на Бехтел и Енка дополнителни 53 милиони евра како индиректни или дополнителни трошоци.

Во недостиг на конкретни одговори од Владата дали и кога ќе треба да бидат исплатени овие средства, „Фокус“ го толкуваше делот од Договорот со Бехтел и Енка кој го објави опозицијата.

Според него, Владата има рок од 14 дена од денот на изминување на 45-те дена од потпишување на Договорот, за да ги исплати дополнителите 53 милиони евра. Ова значи дека до 6-ти мај овие средства треба да им бидат исплатени на Бехтел и Енка.

-Дополнителната минимална сума од 53 милиони евра треба да биде платена од Работодавецот (Владата) на Изведувачот (Бехтел и Енка) во рок од 14 календарски денови од крајниот рок (н.з. 45 дена од потпишување на Договорот), стои во делот од Договорот кој е објавен.

Исто така, државата ќе треба да исплаќа по 2.165.000 евра секој месец се додека не се донесат измените на Законот и работната недела не се зголеми на 60 часа.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски вчера избегна да даде конретен одговор кога ќе треба да се платат 53-те милиони евра.

Што се однесува до исплатата на средствата, досега не се исплатени средства кон компанијата. Првата исплата на средства би била авансот за отпочнување на градежните работи и секој исплатен денар кој ќе биде од страна на Владата и државата кон ЈПДП а потоа и кон изведувачот и ќе биде објавен на сајтот на јавни финансии.
За прашањето за пеналите го апсолвиравме и одговоривме, а ви кажав дека немаме исплатено ниту средства за авансот се уште. Така што, во однос на ова прашање ви дадов одговор , изјави министерот Бочварски.

Потоа од Министерството испратија демант на веста на телевизија Телма дека „Министерот Бочварски потврдил дека почнал да тече рокот за плаќање на пенали кон Изведувачот” и обвинија дека тоа се груби невистини и чиста манипулација на јавноста. Сепак, според Договорот, рокот за 53-те милиони евра почна да тече од 22 април, односно од саботата.

К.С.Б.

Поврзани новости