Владата не одговара дали сега им должи дополнителни 53 милиони евра на Бехтел и Енка поради 60-часовната работна недела

by fokus

Владата не дава прецизен одговор дали и кога ќе треба да ги исплати 53-те милиони евра од Договорот со Бехтел и Енка за изградба на коридорите, во име на дополнителни трошоци бидејќи се уште не се донесени измените на Законот за работни односи со кои работната недела ќе се зголеми на 60 часа.

„Фокус“ пред два дена испрати прашањa до Владата:
-Со оглед дека на 22.04.2024 година поминаа 45 дена од потпишувањето на договорот со Бехтел и Енка, а измените на Законот за работни односи не се донесени, дали тоа значи дека државата ќе треба да им исплати 53 милиони евра на компаниите како индиректни трошоци?

-Од каде ќе бидат обезбедни овие дополнителни средства?

-Освен овие 53 милиони евра, колку ќе изнесуваат месечните трошоци кои државата ќе треба да ги исплаќа се додека не се донесат измените на Законот за работни односи и 60-часовна работна недела?

До објавување на текстот од Владата нема никаков одговор. Вчера прашање испративме и до Министерството за транспорт и врски, откако претходно на прес конфернеција министерот Бочварски не даде конкретен одговор дали државата сега ќе треба да плати дополнителни 53 милиони евра.

 Ве замолуваме за појаснување на изјавата на министерот, за да нема дилеми и различни толкувања:

Кога ќе треба да се исплатат дополнителните трошоци од 53 милиони евра, бидејќи изминаа 45 дена од потпишувањето на Договорот, а измените на Законот за работни односи (60-часовна работна недела) се уште не се донесени?

И на ова прашање одговор не добивме. Според делот од Договорот потпишан со Бехтел и Енка кој го објави опозицијата, а кој Владата го класифицираше како таен и не го објавува, државата ќе треба да и исплати дополнителни 53 милиони евра на групацијата Бехтел и Енка ако 45 дена по потпишување на Договорот не бидат донесени измените на Законот за работни односи.

Исто така, државата ќе треба да исплаќа по 2.165.000 евра секој месец се додека не се донесат измените на Законот и работната недела не се зголеми на 60 часа.

К.С.Б.

Поврзани новости