Владата на денешната 98-ма седница ја разгледа и усвои информација за преземање мерка за обезбедување дополнителни количини на топлинска енергија во случај на постоење на кризна состојба и донесе одлука за преземање мерка за обезбедување на дополнителни количини на топлинска енергија во услови на постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.
Како што информираат од владината прес-служба, задолжено е Друштвото за дистрибуција на топлинска енергија ЕСМ дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје да склучи договор за купопродажба на топлинската енергија со Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје, во рамки на потребните количини, а согласно потребите на Друштво за дистрибуција на топлинска енергија ЕСМ дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје на месечно ниво.
Претходно АД ЕСМ склучи договор со „Макпетрол“ за набавка на природен гас за топланите „Исток“ и „Запад“ за периодот од 1 до 15 ноември и за КОГЕЛ во подружница „Енергетика“ за периодот 1 до 30 ноември.
– Со оглед на тоа што приватната гасна електрана ТЕ-ТО има обезбедено гас за својот режим на работа за ноември, за неа не е извршена набавка од АД ЕСМ, соопштија тогаш од државната енергетска компанија.
Нагласија дека набавката на природен гас за пократок временски период е направена од причина што се бележи пад на цените на природниот гас на берзите и оти очекувањата се дека ќе се обезбедат поповолни услови, пред се финансиски, доколку се набавува сукцесивно за последователни покуси периоди.
Најавија дека во следните денови, ЕСМ Дистрибуција на топлина ќе потпише и договор со ТЕ-ТО за ноември за преземање на топлинската енергија од оваа електрана, која ќе треба да влезе во системот на топлинска енергија за градот Скопје