Согласно дополнувањата, вкупните приходи се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со претходните измени и дополнувања на Буџетот истите беа планирани на реално ниво односно пониски за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи, пак, се планирани на ниво од 252,8 милијарди денари или се 4,1 осто, односно за околу 10 милијарди денари повисоки во однос на планот.
Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,5 милијарди денари, односно 8,49 отсто од БДП.
„Обезбедени се дополнителни средства во здравствениот сектор за активности кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза, а се однесуваат за набавка на лекови, имунизација на население и други неопходни средства и поддршка на вработените кои се директно вклучени во борбата против пандемијата“, велат од Илинденска.
Исто така, на денешната седница Владата го утврди и текстот на Предлог законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19, за месеците октомври, ноември и декември 2020 година.
„Целта на овој предлог-закон е да се обезбеди финансиска поддршка за вршителите на самостојна дејност во последниот квартал од 2020 година, со месечен износ во висина од 17.410 денари месечно за физичкото лице кое врши самостојна дејност“, објаснуваат од Владата.