Владата го усвои дополнетиот ребаланс за Буџетот, нема пари за барањето на ССМ

by fokus

Дополнетиот ребаланс на Буџетот е усвоен денеска на седница на Влада, а во него, како што информира Министерството за финансии, се вградени амандмани со кои се обезбедени дополнителни 25 милиони денари за здравството, животната средина и инфраструктурата.

– Средствата се обезбедени преку прифаќање на амандманите во текот на комисиската расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет по предлог ребалансот на Буџетот за 2022 година. Со нив меѓу другото се решава трајно проблемот со индустриската депонија во Југохром, се обезбедуваат средства за мамографи за болниците во Струмица и Неготино, прочистување на коритото на реките Вардар и Треска, реконструкција на Мороишки мост и изградба на кружен тек, проектна документација за културниот дом Чегране и друго, се вели во соопштението од Министерството за финансии.

Ребалансот на Буџетот, како што посочуваат оттаму, е одговор на кризата, односно се овозможува дополнителна интервенција за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите до крајот на годината, во услови на продолжена енергетска и ценовна криза.

На Комисијата за финансирање и буџет во Собранието од поднесени 204 амандмани, од кои над 170 на ВМРО-ДПМНЕ, 28 на Алијанса на Албанците и два на СДСМ, беа прифатени околу десет.

На десеттиот, последен ден од расправата беа прифатени двата амандмана на СДСМ, кои се однесуваат за набавка на опрема и машини за јавно здравствените установи.

На крајот од расправата не помина амандманот на ССМ, предложен како комисиски, со кој вработените во јавниот сектор требаше да добијат зголемување на платите за 2.806 денари. Не помина и амандманот за парична помош за приватниот сектор.

Поврзани новости