Владата го разреши Шпенд Тахири од позицијата директор на скопскиот затвор „Идризово“, соопшти денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски.
На место на Тахири, за нов в.д. директор на затворот е именуван генерал-мајор Зоран Јовановски.
За него премиерот соопшти дека има богата професионална кариера во Министерството за внатрешни работи.
„Денеска на седница на Влада донесовме одлука за именување на нов в.д. директор на на КПД `Идризово`. Досегашниот директор беше разрешен од фунцијата, а за нов директор на мој предлог е именуван генерал-мајор магистар Зоран Јовановски кој има погата професионална кариера пред се во Министерството за внатрешни работи“ – рече Ковачевски.
Премиерот рече дека станува збор за врвен професионалец.
„Во текот на својата професионална кариера поминал обуки во полициската академија во Лујзијана, организирана од американската амбасада, потоа обуки во Франкфурт, Германија. Обуки во Соединетите Американски Држави организирани од Министерството за правда на САД, потоа обуки во Северна Ирска, обуки во Турција и обуки во Англија. Станува збор за врвен професионалец кој денеска е именуван за директор на КПД „Идризово“ – порача Ковачевски.
Разрешувањето на досегашниот директор Тахири доаѓа откако денеска, како што првично потврдија од Управата за извршување санкции, бил откриен ископан тунел во КПД „Идризово“.
Премиерот Ковачевски не откри детали за случајот, но напомена дека сите информации кои се однесуваат на оваа институција ги имаат службите кои се задолжени за безбедноста во државата.
„Вклучително Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Управата за извршување санкции и се што е потребно е преземено во однос на санирање и унапредување на состојбите во КПД `Идризово`“ – рече Ковачевски.