Џорџа Мелони: Италија ќе продолжи да ја поддржува Украина!

by Fokus

Италија ќе продолжи да ја поддржува Украина во отпорот на руските напади, без оглед на краткорочното влијание што овие избори може да го имаат врз рејтингот на италијанската влада, изјави премиерката Џорџа Мелони.

– Ќе продолжиме да го правиме тоа затоа што е правилно во однос на националните вредности и интереси – рече таа во говорот пред Сенатот во пресрет на состанокот на Европскиот совет на 23 и 24 март.

– Во Украина сè уште нема место за праведен мир, но ќе продолжиме да се стремиме кон него – додаде Мелони, пренесе Ројтерс.

Прашањето за помош за украинските воени напори стана проблематично за Мелони, која е силен поддржувач на Киев, за разлика од сојузниците во нејзината конзервативна коалициска влада кои се многу поамбивалентни по ова прашање, наведува британската агенција.

Лидерот на Форца Италија и поранешен премиер Силвио Берлускони, кој е стар пријател на рускиот претседател Владимир Путин, минатиот месец го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски за провокација на конфликтот.

Форца Италија гласаше за испорака на оружје за Украина, како и Лигата, партија предводена од вицепремиерот Матео Салвини, уште еден италијански лидер со блиски врски со Путин.

Анкетата што ја објави дневниот весник „Кориере дела сера“ на крајот на февруари покажа дека околу 45 отсто од Италијанците се против испраќање оружје во Украина, додека 34 отсто се за, а 21 отсто од испитаниците не сакале да кажат ништо.

Поврзани новости