Владата на денешната седница донесе одлука да ги задолжи сите институции да извршат промена на јавните табли на своите влезови во однос на името на државата, согласно амандманите 33, 34, 35 и 36 од Уставот, Уставниот закон за спроведување на амандманите и Законот за употреба на јазиците.
Одлуката, како што соопшти владината прес-служба, е донесена по предлог на Меѓуресорската работна група за извршување на обврските од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.
Во прилог на владиното соопштение, наведена е листата на институции со новиот назив. Со листата се опфатени вкупно 136 институции.
Институциите кои што имаат „Република Македонија“ во името се задолжени тоа го променат во „Република Северна Македонија“, додека институциите кои имаат „македонски/македонска“ во името треба да го заменат со „национални/национална“.
Македонска опера и балет станува Национална опера и балет, Македонска радиотелевизија станува Национална радиотелевизија, Македонска филхармонија – Национална филхармонија, Македонски шуми – Национални шуми, итн.
Исклучок е Национална установа Македонски народен театар, чие што ново целосно име е „Република Северна Македонија, Национална установа Македонски народен театар“.