Владата на вечерашната седница ги прифати предложените мерки на Комисијата за заразни болести, кои предвидуваат забрана за гостување на пејачи и ди-џеи во сите угостителски објекти, ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на лица кои може да седат на една маса во угостителски објект од сегашните 12 на четири, потврди министерот за здравство Венко Филипче.
-Тоа значи дека повеќе нема да има гостување на пејачи и ди-џеи во угостителските објекти. Потсетуваме повторно дека дискотеките и ноќните клубови немаа, односно во ниту еден момент не добија дозвола за работа. Понатаму се намалува дозволената јачина на звукот на 55 децибели за да се одржи препорачаната дистанца и се намалува бројот на лица коишто седат на една маса од 12 на 4 лица – изјави Филипче за ТВ 21.
Тој посочи дека за носење маски на отворено и за други мерки би размислувале во подоцнежните есенски месеци.