Премиерот, вицепремиерите, министрите без ресор, генералниот секретар, другите именувани функционери, како и членовите на обезбедувањето во Владата, отсега ќе смеат да трошат само по 30.000 денари месечно по ресторани и кафеани, дознава Макфакс. Според досегашната пракса немаше ограничување на трошоците за репрезентации.
Владата на 7 јули донела одлука за измени и дополнувања на Правилникот за користење на угостителски услуги на товар на средствата од буџетот наменети за овие услуги. Членовите на Владата, генералниот секретар и заменик-генералниот секретар, и другите именувани лица опфатени со овој правилник, имаат право на надомест во висина од 30.000 денари месечно, за угостителски услуги во угостителските објекти во надлежност на Службата на општи и заеднички работи на Владата, и надомест во висина од најмногу 500 евра, месечно, за угостителски услуги за време на службени патувања во странство.