Владата досега реализирала нецели 42 отсто од реформскиот план наречен 3-6-9, согласно роковите во кои треба да бидат спроведени мерки во повеќе области – јавна администрација, медиуми, граѓанско општество, судство, безбедносни служби…
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, во емисијата Отворено на телевизијата 24 вести презентираше документ од владина седница, кој, според него, покажува дека до средината на месецов имплементацијата на планот 3-6-9 бил нецели 42 проценти.
-Во една ваква ситуација треба да се постави прашањето во што е проблемот? Со ова губат сите луѓе, не политичарите. Ова е еклатантен пример за застој во реформскиот процес – рече Мицковски.
Од владата потврдуваат дека постои ваков документ, но од таму додаваат дека забавената динамика на реализација на реформскиот пакет е резултат на деструктивното однесување на опозицијата.
-Наскоро ќе објавиме пресек на реализацијата на планот 3-6-9, кој се спроведува со застој во одредени сегменти поради блокадите на опозицијата на парламентот – коментираат од Илинденска.
Инаку, овој документ владата го усвои на средината на минатата 2017 година врз основа на владината програма, Пржинскиот договор, насоките од Европската комисија во Итните реформски приоритети, низата препораки до Владата од телата на Советот на Европа итн.
Владата на 38-та седница, оддржана во ноември минатата година, усвои фактографски преглед и наративен план во кој се наведува дека преземените обврски во првото тромесечје се исполнети во најголема мера, но се уште не објавила статус на реализацијата на мерките во другите две фази.