Владата на денешната седница донесе одлука за нови мерки за спречување на ширењето на коронавирусот. Како што информираа од владата, се скратува работното време на угостителските објекти до 21 часот, освен за достава и шалтерска продажба на храна. Оваа одлука важи и за угостителските објекти на бензинските станици, а исклучени се угостителските објекти на ТАВ аеродромите во Скопје и Охрид и хотелските ресторани за гостите кои се сместени во хотелите.
На седницата беше донесена и одлука за забрана за групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 21:00 часот. Владата денеска усвои препорака за сите домашни и странски граѓани на територијата на Северна Македонија, после 21:00 часот да не се движат на јавен простор, доколку немаат важни и неопходни потреби. Владата донесе и препорака за граѓаните да не се групираат во домовите по повод семејни прослави, слави или други собири во групи поголеми од четири лица, кои не живеат во иста заедница.
Министрите во Владата денеска го прифатија предлогот на Министерството за здравство за потребата од дополнителна асистенција на припадниците на Армијата на Северна Македонија во обезбедувањето на болниците како дополнителна испомош на припадниците на МВР и во координација со ова Министерство, за што беше донесен заклучок за ова да се побара согласност од Претседателот на државата.
„На денешната седница беше разгледана Информацијата во врска сo регулирање на боледување на вработени лица заболени од КОВИД-19 како и вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза, врз основа на која беше донесен заклучок министерствата и органите на државната управа при регулирање на регулирање на овие прашања на вработените лица кои имаат симптоми или се заболени од КОВИД-19 и на лица кои се во изолација заради спречување на ширење на заразата, но се асимптоматични, а за кои е констатирано дека се заболени од КОВИД-19, задолжително да побараат ИСР образец, односно боледување согласно кој висината на надоместокот на плата за привремена спреченост за работа поради КОВИД-19 да изнесува 100 отсто од основицата за надоместок на плата“, велат од владата.