Владата на денешната седница донесе одлука со која се овозможува реализација на реверзибилната хидроцентрала Чебрен на Црна Река. Со тоа треба да почне реализацијата на еден од најголемите енергетски проекти во земјава на кој се чека три децении.
Предвидено е Чебрен да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река е предвидено создавање на ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.
Според информациите од Владата, проценетата вредност на инвестицијата е околу една милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Градежните работи ќе почнат откако ќе се заврши со проектирањето и обезбедувањето на потребните документи, а предвидено е таа да се изгради за седум години по што би почнало производството на струја.
-Владата на 185. седница донесе Одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река која се доделува на понудувачот ‘Публик пауер корпорејшн С.А и Архиродон груп Н.В. од Грција (PUBLIC POWER CORPORATION S.A. – Greece & ARCHIRODON GROUP N.V. – Greece), односно ППЦ-Архиродон, а во согласност со тендерската документација и договорот за концесија кој беше дел на тендерската документација, соопшти Владата.
Според Владата понудувачот ППЦ-Архиродон е избрана за најповолна, со оглед на тоа што ги исполниле условите содржани во јавниот повик и тендерската документација и доставиле најповолна понуда.
-Според донесената Одлука, избраниот понудувач има обврска во рок од три месеци да го склучи Договорот за заедничко вложување и да основаат акционерско друштво со АД ЕСМ, во кое што АД ЕСМ учествува со 33 отсто од акционерскиот капитал. Регистрираното друштво е должно во согласност со одредбите на Законот за водите, а пред потпишување на договорот за концесија, да обезбеди дозвола за користење на водата, велат од Владата.
Според информациите од Владата, Чебрен е од исклучително значење за енергетската транзиција на земјава и регионот, поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија. Воедно, додаваат оттаму, ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување, земјоделство, со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките во светот.
Француската ЕДФ, исто така, доставила понуда, но надлежната комисија констатирала дека станува збор за необврзувачка понуда и во неа не е доставена бараната гаранција за учество во постапката.