842
Владата на предмалку соопшти дека на денешната седница, покрај тоа што го прифати предлогот за дополнително ограничување на движењето на одредени категории граѓани за време на полицискиот час, усвоила низа уредби со законска сила.
Една од нив е уредбата за примена на Законот за стечај за време на вонредна состојба, според која на стечајните должници кои ги исполнуваат условите за отворање на стечајна постапка или поведување на претходна постапка, нема да се отвораат стечајни постапки и да се поведуваат претходни постапки за време на траењето на вонредната состојба.
Исто така, владата донесе одлука за укинување на увозната давачка – царинската стапка за одредени стоки – потрошен медицински материјал, со цел да се надминат евентуалните негативни последици, т.е. нарушувања на пазарот во земјата во однос на снабденоста со овие стоки, како резултат на прогласената пандемија на Корона вирусот.
Понатаму, Владата донесе Уредба за измена на Законот за облигационите односи, со цел да се олеснат условите за работа и плаќање на реалниот економски сектор, како и на граѓаните во државата во услови на сериозно нарушена економска состојба и ликвидност на правните субјекти.
Воедно, Владата донесе уредба за примена на Законот за општа управна постапка за време на вонредна состојба, со која се уредуваат определувањето и продолжувањето на роковите во управна постапка, за време на траење на вонредната состојба.
Дополнително, на седницата е донесена и уредба со законска сила за примена на законите за основно, средно и високо образование, со што, меѓу другото, се предвидува наставата и испитите да се организираат преку далечинско учење, односно преку таканаречено „учење од дома“, со примена на средства за електронска комуникација.