Владата донесе уредба со која се дополнува Уредбата за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба, според која, секој државјанин на нашата земја, кој влегува во земјава по 13-ти април, а бил затекнат во земји со висок ризик од коронавирус, според листата на Светската здравствена организација (СЗО), му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од најмалку 21 ден од денот на пристигнувањето во државава.
Исто така, донесена е одлука со која се изменува досегашната Одлука за спроведување на задолжителен државен карантин на државјаните на Република Северна Македонија вратени од странство со хуманитарни летови, според која во задолжителен државен карантин одат и оние наши државјани кои се вратени од странство и со конвои по копнен пат.