Од Владата информираат дека претстојниот празник Илинден ќе се прослави според посебен протокол, со цел заштита од корона вирусот.
-За исполнување на препораките од протоколот оваа година содржините на програмите за одбележување се сведени на минимум, само со положување венци со свежо цвеќе на спомен-обележјата, со обраќања, но без традиционалната културно-уметничка програма и без масовни народни собири на граѓани на отворено и во угостителските објекти.
Во овие услови, оваа година, свеченостите по повод 2 Август ‒ Денот на Републиката (Илинден) 2020 со кои ќе бидат одбележани 76-годишнината од Првото заседание на АСНОМ и 117 години од Илинденското востание, ќе бидат со следниот распоред:
– Претседателот на државата Стево Пендаровски ќе се обрати на свеченоста во Меморијалниот центар во Пелинце;
– Претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ги предводи настаните во Крушево, на Мечкин Kамен;
– Претседателот на Владата Оливер Спасовски ќе се обрати на свеченоста во Скопје.
И оваа година, како дел од официјалната програма за свечено одбележување на празникот се вклучени и содржините од Смилево со кои ќе се чествуваат 117 години од Илинден и 78 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“.
Целокупната програма за свечено одбележување на државниот празник 2 Август ‒ Денот на Републиката (Илинден) од Пелинце, Крушево и Скопје ќе ја пренесува во живо Националната радио-телевизија, информираат од Владата.