За Македонија најлошо сценарио е доколку има нови избори и формирањето на новата политичка влада се одолжи до бескрај. Во тој случај, буквално не можеме да се надеваме дека која било техничка влада ќе се осмели да ни го одблокира патот за ЕУ. Сепак, поголем проблем за нас е што и трите актуелни политички опции се подеднакво антимакедонски (или според нив про -македонски). Единственото решение е веројатно формирање некоја концентрациона влада
Пишува: Дејан АЗЕСКИ
Во Бугарија, во средината на август, треба да биде јасно дали ќе се формира влада или ќе се одржат повторни, трети парламентарни избори.
На почетокот на следната недела, претседателот на државата, Румен Радев, се очекува да го довери мандатот за формирање влада на првата парламентарна сила, антиелитистичката партија „ Има таков народ“ на комичарот Слави Трифонов. Проблемот е што од оваа партија веќе објавија дека не планираат да коалицираат со никого, а очекуваат поддршка за нивната малцинска влада.
Во случај да не успеат да формираат влада, мандатот ќе и биде доверен на втората по големина партија – ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов. И ова сценарио е комплицирано, бидејќи ГЕРБ веќе се откажа од можноста за формирање влада. Имено поранешниот премиер Борисов е разочаран после неколку приведувања и испрашувања и е влезен во фаза на тотално игнорирање, па и деструкција на домашната сцена.
Ваквата неконвенционална ситуација и со Трифонов и со Борисов на Претседателот Радев му ја остава последната можна опција , а тоа е предавањето на мандатот на неговата матична Социјалистичка партија, која го освои третото место на изборите според бројот на гласови. Од таму веќе го уверија претседателот дека ќе се обидат да формираат влада во случај да добие мандат.
Сепак, ако не успее и третиот обид, претседателот на Бугарија ќе мора, во согласност со Уставот, да го распушти парламентот и да распише повторни парламентарни избори и да назначи привремена влада.
ИЗБОРИТЕ ВО БУГАРИЈА СЕ СЛЕДАТ И ВО МАКЕДОНИЈА
Ако Софија нешто минимално успеа да постигне со ветото за ЕУ, тоа е што нашата јавност за прв пат во триесет години се заинтересира и активно почна да ги следи изборите во Бугарија. Секој втор трет ден имаме изјави на наши највисоко рангирани политичари на оваа тема, а и медиумите дел од вниманието кое обично е резервирано за случувањата во екс- ју сега го свртеа спрема Софија.
Ова не е изненадувачки, бидејќи сите процени говорат дека ниедна техничка влада нема да се зафати или нафати да го решава 150- годишното македонско прашање, кое може да им донесе само штета. Ова им е јасно и на претставниците на меѓународната заедница, кои заедно со нашите власти трпеливо чекаат кој ќе биде следниот политички премиер на Бугарија, за да можат да почнат да вршат притисоци.
Сепак, како што стојат работите, многу малку е веројатно дека Бугарија наскоро ќе добие една вистинска влада во која би имале достоен соговорник од спротивната страна.
Најлошото можно сценарио за Македонија е ако нашите источни соседи влезат во некој меѓу-политички период каков што имаше во Србија пред 15 години, или во Белгија претходно. Во тоа сценарио можно е да не се избере политичка влада со години, а тоа автоматски значи и одложување на почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ за исто толку време.
Тука треба да се направи разлика помеѓу техничка влада, која навистина нема мандат да носи никакви поважни одлуки, и евентуално формирање на концентрациона влада од сите партии, која на таков начин најлесно би можела да ја преземе одговорност за евентуални отстапки спрема Македонија, кои би се извршиле под притисок на ЕУ и САД.
Сепак, ова сценарио, засега, е далеку како „кумова слама“ и веројатно е само пуста македонска желба. Од друга страна, Бугарите со континуирано одложување на изборите си најдоа добро алиби, апсолутно никогаш да не мора искрено да се зафатат со решавање на прашањето, од кое многу работи зависат на нашата домашна политичка сцена.
КОЈ Е НАЈДОБРИОТ ИЗБОР ЗА НАС ВО СОФИЈА
Многумина сметаат дека од бескрајно повторуваните избори во Бугарија за Македонија има и по некоја корист. Како прво, согласно нашите верувања- Борисов е збришан од политичката сцена по примерот на Караманлис во 2008 година,кога Грција отворено и се спротивстави на САД околу приемот на Македонија во НАТО.
Втората корист е што најголемиот “Македонец” или “анти-републико-македонец” –Красимир Каракачанов исто така не успеа да влезе во парламентот и неговиот рејтинг дополнително опаѓа.
Сепак, ниту едното, ниту другото, не е целосно точно. Како прво, Борисов паѓа за многу поголеми геополитички игри отколку онаа со Македонија, а што се однесува до Каракачанов, нему ова не му е прв пат да е надвор од парламентот и секогаш во овие 30 години наоѓал начин да се врати таму.
Остануваат две опции во кои може да се надеваме. Првата е, секако Трифонов, кој барем ако се суди по ставовите изнесени во неговата комична емисија- е најголемиот антимакедонец кој воопшто сме го запознале во Бугарија.
Втората е, бугарската Социјалистичка партија на претседателот Румен Радев, која е наследник на бугарската Работничка партија (комунисти) што значи директен наследник на политиките на Тодор Живков. Ова само по себе би требало се да кажува и да не наврати на првиот дел од ова поглавје, односно на Бојко Борисов како единствена и најлиберална можна опција за Македонија колку и овој факт да звучи поразително.
Едноставно, во Бугарија во овој момент, за жал, нема ни една политичка фигура ни малку налик на Алексис Ципрас за да може да го решиме и бугарското прашање по примерот на грчкото.
Така се враќаме на погоре споменатото решение, во кое една концентрациона влада која би била избрана за да ги решава домашните натрупани проблеми би можела на мала врата да го протурка и нашето прашање.
БУГАРИЈА Е ФАТЕНА ВО ПОГОЛЕМА ГЕОПОЛИТИЧКА ИГРА ОД МАКЕДОНИЈА
Ако ни се чудни сите овие случувања и геополитички превирања околу Бугарија не треба да заборавиме дека со новите територијални промени во Украина, Бугарија сега се наоѓа на само 500 км морска граница од Русија. Тоа ја става оваа земја во прва линија на одбрана на многу проблематичното Црно Море од кое, според многумина аналитичари, може да почне следната поголема регионална, па дури и глобална војна.
Дополнителен проблем со оваа држава е што НАТО и европските челници апсолутно не и веруваат дека е спремна уште еднаш да тргне во војна против Русија.
Секој што читал барем малку историја знае дека нераскинливите врски помеѓу Софија и Москва датираат многу поназад од комунистичкиот период. Всушност, непобитен историографски факт е улогата на Русија во формирањето на бугарската држава во 1878 година, а најголем материјален доказ за тоа е монументалното здание на соборната црква Александар Невски среде Софија.
Од тука не е ни чудо што бугарските специјални сили на една неодамнешна воена вежба на НАТО одбија да пукаат на дрвени војници облечени во руски униформи.
Сето ова говори дека недовербата на Западот кон Бугарија и нејзината политичка елита е оправдана и таму допрва ќе има геополитички превирања за да се дојде до евентуално „македонско сценарио“ од 2017 година и инсталирање на целосно прозападна власт. Но колку ќе трае тоа во овие проблематични времиња, навистина никој не може да претпостави.