Иван Вртев раскажува: Моето растење како дете на Ристо Вртев

by fokus

Долго ќе се памти и ќе се зборува за концертот на Ристо Вртев, фронтменот на култниот бенд ,,Архангел” со оркестарот на Филхармонија, под диригентската палка на Џијан Емин, кој се одржа во Градски парк Скопје завчера.

Музичарот ја расположи, а на моменти дури и ја расплака многубројната публика, која му се поклони за хитовите и белегот кој го остави на музичкото небо во Македонија. Народ од сите краеви на земјава, добар дел од политичкиот врв, публика од повозрасните генерации кои растеле со неговата музика, но и млади луѓе, кои можеби и не биле родени кога ,,Архангел” се појави на нашата сцена. Сите песни на Вртев, се пееа во еден глас.

Помеѓу присутните беше и неговиот син Иван (24), момче кое со својата појава не може, а да не биде забележано. Ако за Ристо често знае да се каже дека е една од најмистичните појави на сцената кај нас, кога ќе го видите Иван, сигурно ќе ви помине низ мислите изреката дека крушата под круша паѓа.

Зрачи со некоја посебна харизма, па затоа и не беше изненадување кога пред неколку години доби улога во филмот на Теона Стругар Митевска, ,,Кога денот немаше име’’.

На јавноста и е познат и по видео записот за песната „Пинокио“ која по подолга пауза Вртев ја објави пред три години. Во видеото, Иван се појави во улогата на Пинокио, а се потпиша и како сценарист и режисер на истото.

За „Фокус“ скромно вели дека за време на концертот во Градски парк си поминал одлично, но најважно му било што забележал дека публиката е задоволна. На некој начин, несвесен за големината на делото на неговиот татко, признава дека секогаш првенствено го гледал како свој родител, па дури потоа како музичар.

-Не би рекол дека посебно силно ја доживувам големината на татко ми, поради тоа што мојот однос кон него е како син кон татко, наспроти фан на Ристо кон Ристо. Меѓутоа, се разбира дека сум горд од една страна, од друга страна ми создава стремеж да ја постигнам, а здравје Боже, и да ја надминам, во доменот во кој се определив (театарот и режијата) – раскажува Иван.

Да се расте покрај родител, кој за време на детските години на Иван беше еден од најактуелните музичари кој успеа да направи рок револуција во земјава, и чиј бенд „Архангел“ се смета за една од најдобрите групи од тој период, младиот Вртев вели дека било интересно искуство.

Свесен бил дека неговиот татко е јавна личност, бидејќи често се случувало да го застануваат на улица и да му бараат автограм или фотографија, но вели дека разговарале за се, освен за „Архангел“.

-Уште од мала возраст се соочив со моментот дека татко ми е јавна личност. Често се случуваше да сме излезени и да не застанат луѓе, дали за автограм или фотографија. Во основното училиште каде учев, ми приоѓаа деца кои инаку немаше теорија да ми прозборат, со прашања за татко ми од типот – Кога концерт, Нови песни кога, Зошто ја крстил групата „Архангел“?Тие прашања на мои осум, девет години, ниту знаев да ги одговорам, ниту пак ме интересираше да ги одговорам, бидејќи со татко ми разговаравме за се, освен за „Архангел“.

Се сеќавам дека сепак почнав да се интересирам за инструментите кои му беа низ дома, па ќе ми покажеше како се ракува со нив и ќе ме оставеше да се глупирам. Тој мој интерес заврши доста несреќно за мене, бидејќи во една епизода ме сними како пеам, па до ден денешен ме лазат морници кога ќе си го слушнам гласот на снимка- се присетува Иван.

Сепак, во средно училиште, се случило да влезе во светот на музиката за еден краток период, а за помош и совети му се обратил на татко му.

-Некаде во средно училиште беше, ми се случи да пеам на свирка и набргу потоа да глумам во претстава, па тука веќе му побарав помош. Од тој момент се создаде навика кога сум кај него на гости, заедно да свириме. Тој период продолжив да свирам со мои другари, без некоја посебна амбиција да станеме бенд и да правиме музика (иако со тие другари и со две принови во 2015 година го направивме ,,Freak Unique”, но тој бенд замре после кратко време) и се вклучив во театарска работилница. Се испостави дека моите амбиции повеќе лежат во театарот – раскажува Иван.

Додава дека кога дошло време, отишол на приемен испит за глума на ФДУ, но не успеал да влезе. Уште тогаш Ристо се обидувал да го „престрои“ на режија, гледајќи го потенцијалот во него.

-Требаше да поминат три години пред да дојде на ред приемниот испит за режија, за да се одлучам да се пробам таму. Таа година беше изработен и спотот за „Пинокио“. Успеав да се запишам на режија, и оттогаш јас му одам на концерти на татко ми, тој ми доаѓа на испити, па после седнуваме и разговараме – вели младиот Вртев.

Раскажа и дека пред некое време му се отворила можност за влез за музичките води, но не би сакал да зборува на темата пред време, бидејќи овој период главен фокус му било завршувањето на студиите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости