Првиот договор фирмата Тотал Инженеринг ДООЕЛ Струмица со Владата на Република Македонија го има потпишано во 2015 година, во времето кога премиер на владата беше Никола Груевски, реагираат од Владата на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека премиерот Зоран Заев му доделил концесија за ископување на минерални суровини на неговиот брат Вице.
Тој договор бил за истражување на минерална суровина – глина, во с. Дукатино“, Општина Василево. Следствено на постапката за доделување концесии за експлоатација на минерални суровини, која се практикува со сите концесионери, Владата на Република Македонија, на 65 седница одржана на 24.04.2018, по претходно утврдена постапка во која се запазени сите законски и правни регулативи и се добиени позитивни мислења од сите надлежни институции, ја усвои одлуката да се додели концесија и за експлоатација на минерална суровина – глина на фирмата ТОТАЛ ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ Струмица на локалитетот “с. Дукатино“, Општина Василево. Владата на Република Македонија ја има донесено одлуката по претходна постапка во која се исполнети сите правни предуслови за позитивен одговор во однос на добивање на концесијата. Позитивно мислење е добиено од сите надлежни институции и тоа: Министерство за транспорт и врски, Министерство за култура, Општина Василево, Управа за заштита на културно наследство, Министерство за финансии и Министерство за животна средина. По завршување на претходната постапка, Министерство за економија ја ставило одлуката на дневен ред и истата е усвоена, се правдаат од Владата.
Од Владата додаваат дека објавувањето на одлуката во службен весник е исто така вообичаена пракса и процедура независно од постапката за објавување на сублимарниот записник од владините седници.