Влада: Ветото на Бугарија е неодговорна и тешка геостратешка грешка

by fokus

Република Бугарија стави вето на почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија и со тоа застана на патот на нашата европска интеграција за која во повеќе наврати институциите на ЕУ и сите останати земји членки одделно, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите, стои во денешното соопштение од владиниот Сектор за односи со јавноста.

– Северна Македонија никогаш нема да се откаже од правото на самоопределување на македонските граѓани кое е гарантирано со Повелбата на ООН, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Лисабонскиот договор како уставна основа на ЕУ и темелните вредности на Уставот на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението.

Македонскиот национален идентитет, се подвлекува, не беше, не е и невозможно е да биде предмет на преговори.

– Македонскиот народ и македонскиот јазик се столбовите на македонскиот идентитет. Тие доаѓаат од минатото, а во исто време се столбови на нашата европска иднина, стои во соопштението.

За жал, се посочува, процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ го запре Република Бугарија како членка на ЕУ. Станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка.

Во март, Советот на ЕУ, потсетуваат во соопштението, даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија. Сите земји членки на ЕУ се согласија на тоа, вклучително и Бугарија. Во исклучително позитивниот извештај од Европската комисија за реформскиот напредок ние сме подобри од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат.

– Нашите резултати и капацитети и нашата подготвеност за почеток на преговори се неспорни. Неодобрувањето на преговарачката рамка е на штета на фундаменталните принципи и вредности на Европската Унија, стои во соопштението од Владата.

Владата на Северна Македонија, се вели понатаму, нема да дозволи застој на внатрешните реформи. Напротив, потенцираат, ќе го засилиме темпото и ќе ја зголемиме предноста во демократски реформи што ја имаме во регионот.

– Владата останува на истиот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО и ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ! Наша обврска е да ги изградиме европските стандарди дома! За нас нема друг пат, нема друга алтернатива. Македонската иднина е европска, се наведува во соопштението од владиниот Сектор за односи со јавноста.

Поврзани новости