Влада со договор за дело

by lali

Иако останува да се види конечната колективна фотографија од составот на идната влада, веќе е сè поизвесно дека ова ќе ни биде третата по ред ДДВ влада, составена од ДПМНЕ и од ДУИ. Најверојатно, во составувањето на таа влада ќе доминираат два концепта. Најнапред, ДПМНЕ сака да покаже дека овој старо-нов договор за ново-стара влада, всушност, ја одразува само желбата на ДПМНЕ дека ништо нема да се смени по овие предвремени парламентарни избори, иако тие не се признаваат од опозицијата.

Изборот на Трајко Вељановски за прв човек на Собранието е прв акт кон таквиот однос, а веројатно ќе следат уште мерки за покривање на големата дупка во Собранието, која се појави поради бојкотот од страна на речиси третина од новоизбраните парламентарци. Веројатно, ако со други методи не успее закрпувањето и прикривањето на таа дупка, ќе се оди и на тоа што помалку да видиме каква било слика од Собранието во наредниот период. Целата таа тактика, впрочем, може да се чита и како настојување на предизборниот слоган на ДПМНЕ: проверено.

ДУИ, од друга страна, од предизборието може да се пофали со тоа дека успеала логото на НАТО од нивниот предизборен плакат да го вметне во заедничкото постизборно двојазично соопштение со ДПМНЕ. Така некако и гласеше, впрочем, слоганот на ДУИ: кажавме, направивме?!

Но, ДУИ политички останува без резонот според кој ги бараше овие избори, преиспитување на институцијата претседател на државата, кон кој само ќе одберат да се прават дека тој не постои, како што се покажа и на инаугурацијата на Иванов. И ќе можат да се тешат со приклучувањето и на ДПА кон власта, преку вклучувањето во институциите под ингеренции на претседателот на државата. Така, опозицијата во албанскиот блок им останува на граѓаните, можеби е политички неартикулирана, но барем е чиста и без лажна опозиција, каква што беше ДПА.

НАТО-МИСТЕРИЈА НАСПРОТИ АЈВАР И ТУРШИЈА

Но, овој договор на ДУИ и ДПМНЕ содржи два големи проблема. Првиот е во тоа колку малку е обзнането од тој договор засега, што наведува дека постои тенденција на поттикнување мистериозност. Нешто што, впрочем, ги следи договорите на ДПМНЕ од фамозниот мајски договор во 2007 година што беше постигнат, но со оспорен превод, беше устен, па стана писмен итн. ДУИ се избавува со оваа мистериозност со тоа што наведува и зборува за туѓи рокови, кои никако не зависат од неа. Како што е самитот на НАТО и датумот за европската препорака.

Секој еден човек, кој би сакал сериозно да го чита заедничкото двојазично соопштение на ДУИ и ДПМНЕ за новата влада, би можел да очекува дека деновиве државата Црна Гора, како единствена од кандидатите, која се приклучи на санкциите кон Путин и која има право да очекува нешто од септемврискиот самит на НАТО, ќе им упати апел на нашите две тукашни партии да лобираат за неа. Зашто, ете, тие со толку влијателни во и со НАТО, што одлучуваат да ја наведат оваа организација и во своите партиски соопштенија. Иако, реално гледано, овие партии за во септември може да се грижат само колку ќе биде цената на пиперките за ајвар и туршија.

ВИСТИНСКАТА ИСТОРИЈА НА СТОЧАРИТЕ Е ГЕОГРАФИЈАТА

Другиот проблем е, исто така, поврзан со мистериозноста на договорите и преговорите, ако воопшто ги има. Непотребното инјектирање мистериозност, при нормални, легитимни и очигледни работи, како што е преговарање на влада, им дава право на сите отспротива да погодуваат и однапред да пресудуваат за тоа каков е вистинскиот договор. Дали амнестирањето на хашките случаи, од страна на Груевски во претходниот договор, сега ќе се врати со амнестирање за аферата „Македонска банка“ од страна на Али Ахмети кон Никола Груевски?!

Дали можеби е договорено решавањето на црковниот спор со СПЦ и ослободувањето на владиката Вранишковски како прв чекор во решавањето на големите проблеми околу името и државата? Можеби тоа, впрочем, е единственото големо нешто, побарано од ДУИ како предуслов, кој во иднина ќе го реши и прашањето на православните Албанци во Македонија. Прашањето на православните христијани со албанско етничко потекло во Македонија е единственото историско нешто, коешто кога и да е било покренато од страна на Али Ахмети. Другите работи претежно му беа од географијата, агрономијата и сточарството.

При толку мистериозност, од каде можеме да знаеме дека заедничкото чествување на празниците и историските личности со Република Бугарија не е договорено да биде направено од кадри на ДУИ. Договор, акт и чин, кој е државнички и е за поздравување и кој нема никаква потреба вака мистериозно и шверцерски да биде спроведен во јавноста.

Но, од сето тоа од што може да се состои и од сето тоа туѓо од кое овој договор може да опстои, како што е Струга за ДПА, бојкотот на здружената опозицијата за ДПМНЕ, пред овој договор да биде однапред предвиден како ДДВ, изгледа дека, сепак, е договор со последователна исплата, како договор за дело. А делата ќе бидат јасни по договарањето и на министерствата. Само тогаш ќе можеме да откриеме во кое министерство ќе биде делото за бришење на името на министерката за внатрешни работи од објавените „каса прими“ потврди во предизборието!

Поврзани новости