Влада: При транзит низ земјава нема потреба од ПЦР-тест ниту за патници од Србија, Косово, Б и Х и Црна Гора

by Fokus

Во функција на операционализирање на дополнувањето на Одлуката за мерки за спречување ширење на коронавирусот, Главниот координативен кризен штаб ги прифати насоките доставени од МВР, а изработени во соработка со министерствата за здравство и за надворешни работи, соопштија од Владата.

Документот, во однос на транзит низ територија на Северна Македонија на државјани на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина ги опфаќа следните насоки:

  • При влез на граничен премин за воздушен сообраќај, од Меѓународнипт аеродром „Скопје“ и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, не е потребно да се приложи медицинска потврда од направен ПЦР – тест, имајќи предвид дека странскиот државјанин транзитира низ Северна Македонија, така што потребно е само да потпише изјава и во рок од три часа мора да ја напушти територијата на државата.
  • При влез на копнен граничен премин, а со цел излез на граничен премин за воздушен сообраќај, потребно е задолжително да се прикаже авионски билет (електронски билет) и да се потпише изјава за транзит, така што во рок од три часа мора да ја напушти територијата на државата.
  • За професионалните превозници не е потребно приложување на медицинска потврда од направен ПЦР тест, само со обврска за задолжително почитување на протоколот за вршење на меѓународен превоз.
  • За организиран автобуски превоз или меѓународни транзитни редовни линии, дозволен е влез за транзит, при што не е потребно приложување на медицинска потврда од направен ПЦР тест, а територијата на државата мора да се напушти во рок од пет часа, со потпишување изјава за транзит.

    Во документот има насоки и за дипломати, членови на нивните семејства, како и за граѓани со двојно државјанство од овие држави и со привремен или постојан престој во Северна Македонија:

  • Државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина кои имаат регулиран привремен или постојан престој во Северна Македонија, при секој влез во државата задолжително да приложат медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влез во државата.
  • Странските дипломати од овие земји акредитирани во Северна Македонија, како и членови на нивните семејства, при влез во државата не е потребно да приложуваат медицинска потврда од направен ПЦР тест.
  • Државјаните на четирите земји кои имаат претходно закажани здравствени прегледи и лекување во здравствена установа во Северна Македонија, може да остварат влез во државата со задолжително приложување на медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влез во државата, како и медицинска потврда за закажан лекарски преглед.
  • Државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои имаат двојно државјанство, доколку имаат живеалиште во Северна Македонија (согласно со евиденциите со кои располага МВР или пак имаат македонска лична карта при влез во земјава не е потребно да се приложат медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест.
  • Но, доколку овие странски државјани имаат живеалиште во државата во која го имаат второто државјанство при влез во Северна Македонија потребно е задолжително да приложат медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влез во државата.
  • Носители на патни исправи издадени од Северна Македонија кои имаат адреса на живеење во Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, при влез во земјава задолжително да приложат медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влез во државата.

Поврзани новости