Владата на Република Македонија попладнево реагираше на интерпретацијата на интервјуто на премиерот Зоран Заев за агенцијата „Ројтерс“ во делот дека Македонија понудила неколку предлози за името. Од Владата велат дека премиерот е погрешно пренесен, а предлозите се на Нимиц, не на Македонија.
-Укажуваме на погрешната интерпретација во воведот на веста на агенцијата за интервјуто со премиерот Заев во која се наведува дека ‘Македонија предложила четири опции за решавање на децениското недоразбирање со Грција за името’. Јавноста во Македонија, и во светот, знае дека тоа се предлози на медијаторот Метју Нимиц, кој во име на Обединетите Нации, посредува во разговорите меѓу Република Македонија и Република Грција, велат од Владата.
Од Владата демантираат и дека Заев рекол дека „Република Македонија е подготвена да направи мали промени со името во уставот“.
-Наместо тоа, премиерот Заев на прашање на новинарот на ‘Ројтерс’ одговара дека Република Македонија е подготвена да направи промена во врска со името, но не може да се оди предалеку, бидејќи тоа е многу тешко прашање. Во продолжение на разговорот на оваа тема премиерот Заев додава дека ‘останува отворено прашање дали постои ‘вистинска потреба’ за промена на Уставот на Република Македонија, нешто што Грција го бара последниве месеци, се вели во реакцијата од Владата.