Влада: Новиот републички јавен обвинител ќе го врати угледот на обвинителството

by fokus

На владината седница која ќе се одржи на 22 август, ќе биде изготвен предлогот заклучок за огласување на изборот за нов јавен обвинител, кој потоа ќе биде испратен до Собранието, истакна Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

Бошњаковски на денешната прес конференција ја објасни процедурата за изборот на наследникот на Марко Зврлевски, но не сакаше да претпостави дали обвинителот ќе биде избран пред или по завршувањето на локалните избори. Тој истакна дека новиот обвинител ќе биде личност од правната фела, која ќе го врати угледот на оваа функција.

-Собранието на предлог на владата треба да го огласи именувањето нов јавен обвинител во Службен весник и уште во најмалку два дневни весника. Рокот за поднесување на пријавите е 15 дена. Откако кандидатите ќе се пријават, Советот на јавните обвинители дава мислење по предлогот на Владата за именување на јавниот обвинител. Во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето до Владата, Советот доставува образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно законот. Ако не се произнесе во овој рок, течат нови 15 дена. Доколку и тогаш не се изјасни, тогаш се смета дека мислењето на Советот е позитивно. Владата, пак, до Собранието доставува предлог за именување јавен обвинител само од пријавените кандидати за кои Советот дал позитивно мислење, истакна Бошњаковски.

Како што веќе објави „Фокус“, доколку пак Советот за ниту еден од кандидатите не даде позитивно мислење, тогаш владата нема право да поднесе предлог кандидат, туку може само да му предложи на Собранието да го повтори огласот, по што повторно ќе почнат роковите од 15 дена за изјаснување на Советот, па изборот да се пролонгира до бескрај.

Поврзани новости