На денешната, 84-та редовна седница, Владата донесе одлука со која го задолжи Министерството за финансии да подготви предлог-одлука за обезбедување на 80 милиони денари од тековната буџетска резерва кои ќе бидат ставени на располагање за спроведување кампања, врз основа на одобрен план, на Собранието на Република Македонија, како овластен предлагач на референдумот. Доколку на крајот на кампањата има непотрошени средства, тие ќе бидат вратени во Буџетот на Република Македонија.
Во врска со распишаниот референдум од страна на Собранието на Република Македонија, Владата на РМ одлучи да спроведе процес на планирана јавна комуникација од јавен интерес – кампања за референдумот, базирана на принципите на објективност, транспарентност и рационалност, односно, поконкретно преку процес на планирана јавна комуникација за референдумот, за да ги оствари следните комуникациски цели:
– Прикажување на добивките за граѓаните на Република Македонија од влезот на Македонија во Европската Унија.
– Прикажување на добивките за граѓаните на Република Македонија од влезот на Македонија во НАТО.
– Објаснување пред граѓаните на Република Македонија на конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратешко партнерство и
– Повикување на граѓаните на Република Македонија на остварување на правото на гласање на референдумот и на преземање одговорност за носење важни одлуки.
Во спроведување на планираната јавна комуникација за референдумот, Владата на Република Македонија ќе ги користи следните комуникациски алатки:
– Комуникација со и преку медиумите – соопштенија за јавноста, брифинзи, изјави, прес-конференции, интервјуа и ТВ и радио гостувања;
– Комуникација преку социјалните медиуми – Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Фликр и Јутуб, за кои активности Владата ќе реализира средства во износ од 400.000 денари од редовниот буџет на Генералниот секретаријат на Владата, а останатите комуникациски алатки ќе се реализираат во рамки на редовните владини активности;
– Активности од јавен карактер – теренски посети, неформални средби, состаноци, гостувања и учество на јавни настани.
Во спроведување на процесот на планирана јавна комуникација за референдумот, Владата на Република Македонија ќе работи транспарентно и отчетно, согласно стандарди за јавни комуникации од интерес на јавноста – релевантност, објективност, пропорционалност и рационалност.