Сите ученички и студентски стипендии се исплатени потврди Владата. Исплатата се однесува на сите постојни корисници за учебната, односно академска 2023-2024 година. Стипендиите се исплатени заклучно со месец јануари.
Исплатата за новите корисници, како што наведуваат од Владата, ќе се реализира во текот на неделата, со што сите средства кои им следуваат на сите категории ученици и студенти ќе им бидат целосно исплатени.
„Апелираме до сите засегнати субјекти да ги црпат информациите од надлежните институции кои располагаат со детални и точни информации, со цел навремено, прецизно и точно информирање на јавноста и секако на учениците и студентите.
Владата е посветена на унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард, и за тоа доказ се сите преземени активности во изинатиот период како што се пред сѐ зголемувањето на износите на стипендиите кои се изедначени на ниво од 6.050 денари месечно, односно се со пораст во однос на тоа што претходно се доделуваше како износ од 3.300, 4.000, 4.400 денари. Вкупниот годишен буџет за оваа намена – доделување на студентски стипендии се зголеми за 65%. Претходно на годишно ниво се исплаќаа 117 милиони денари, а во 2021 се исплатија 179 милиони денари и овој тренд продолжи и во 2022 и 2023 година.
Воедно, воведени се нови категории на студентски стипендии во 2022 година и истите изнесуваат и до 18.000 денари месечно, за оние кои се запишани на додипломски студии од областа на земјоделските, шумарските и ветеринарните науки на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во земјата“ се вели во соопштението од Владата.