Влада: Девојчето што абортирало во домот „25 Мај“ е жртва на трговија со луѓе

by fokus

Невистините се информациите дека 13-годишното девојче, згрижено во домот „25-ти мај“ било сексуално злоупотребувано во самата институција, велат од Владата. За случајот со 13-годишната Р.И., која деновиве абортирала откако претходно била сексуално злоставувана, е информирано Министерството за внатрешни работи, додаваат од Владата.

Од таму посочуваат дека девојчето било злоставувано надвор од установата, односно дека била жртва на трговија со луѓе.

„Сметаме дека е потребно да се нагласи дека се невистинити информациите дека Р.И. била сексуално злоупотребувана во самата институција каде што е згрижена. Но, постојат сериозни индиции за нејзина сексуална експлоатација во периодите кога ја напуштала установата, односно дека Р.И. е жртва на трговија со луѓе“, соопштуваат од Владата.

Од таму демантираат дека на родителите на Р.И. им е одземено родителското право проади сиромаштија, туку причините дека се злоупотреба на деца, меѓу другото и за питачење.

„Нејзините родители биле осудени на затворска казна поради злоупотреба на децата, занемарување на родителска должност и користење на деца за питачење. Од тие причини, во изминатите години Р.И. била сместувана во неколку згрижувачки семејства и во ЈУ Завод за згрижување на деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение во Скопје. Воедно, потенцираме дека Заводот е од отворен тип и нема ингеренции со примена на сила да ги држи децата во установата. Поточно, такво однесување е забрането со закон“, додаваат од Влада.

Од таму порачаа дека Министерството за труд и социјална политика ги испитува сите околности и постапувања на надлежните установи, а во меѓувреме ја обезбедува неопходната психо – социјална поддршка за малолетната жртва.

 

Поврзани новости