Вкупно 40 здравствени работници во Кумановската општа болница се заразени со корона вирус, потврди за „Фокус“, директорката Снежана Захариева.
„Од почетокот на пандемијата досега со корона вирус се заразени 40 медицински лица, од нив пет се негативни, односно излекувани – истакна Захариева.
Од пред неколку денови со посебен режим работи и Гинеколошкото одделение во болницата, од каде што исто така има заразено неколку здравствени работници.
„Поради вонредната состојба со Ковид -19 и појава на позитивни тестови кај неколку вработени од Гинеколошко-акушерскиот оддел, а со цел најпрофесионален однос кон потенцијалните пациентки, ве известуваме дека Гинеколошко-акушерски оддел од 10 април 2020 година ќе биде под посебен режим на работа. Сите пациентки, чија здравствена состојба дозволува понатамошен третман на УГАК Скопје или Специјална болница „Мајка Тереза” во Чаир, со претходна најава од свој матичен гинеколог ќе бидат упатени во една од овие институции“, информираат од болницата.
Пред речиси една недела со оглед на зголемиот број на заразени медицински лица, Кумановската болница ја посети министерот за здравство Венко Филипче. Во тој период на испомош во болницата дојдоа лекари од Штипската клиничка болница и од Скопје.
Куманово е вториот град, после Скопје по бројот на заразени од Ковид 19, односно 200, но прв по смртни случаи од опасниот вирус.
Веста дека во вториот најголем град по бројност на жители во Македонија има корона вирус одекна сосема неочекувано во јавноста. Стануваше збор за жена околу 55 години, која цело време ги имала симптомите на заразниот вирус, но првите два теста и биле негативни. Дури после нејзината смрт се докажа дека е позитивна на вирусот. Исто така, и нејзиниот 33-годишен син беше заразен.