Состојбата со ковид-19 во државата засега останува стабилна, вчера беа регистрирани 10 заразени и двајца починати. Според последната ковид статистика на територијата на државата има вкупно 300 активни случаи, а најмногу се во Скопје, односно 108. После Скопје следува Тетово со 87 активни случаи и Куманово со 32 потврдени заразени лица.
Вчера беа регистрирани 16 оздравени лица, а вакцинирањето се одвива непречено на сите пунктови во државата. Во тек е и пријавување за вакцинирање во домашни услови.
Досега се дијагностицирани 156 086 ковид-пациенти, оздравеле 150 295, а починале 5 491 лице.. Досега во земјата се направени вкупно 955.617 тестирања на ковид-19.
Од ресорното Министерство секојдневно упатуваат апел до граѓаните да се вакцинираат, бидејќи тоа е најефикасниот начин да се спречи ширењето на вирусот.
Освен вакцинацијата која се одвива во пунктовите низ државата, истовремено продолжува и теренската вакцинација, и тоа денеска на 31 населено место. Вчера почна и пријавувањето за вакцинирање во домашни услови. Ова важи за граѓаните кои поради здравствени причини не се во можност да дојдат и да примат вакцина против ковид на вакциналните пунктови.
Закажувањето е преку директно јавување во здравствените домови, а може да го направат и директно со пријавување на пунктовите за вакцинација.