Вкупно 15.800 лица заболени од грип заклучно со минатиот петок побарале помош во здравствените установи. Меѓу нив нема тешки случаи. За подобро следење на состојбата во здравствените установи и болници воведени се дополнителни мерки, информира денеска на прес-конференција Јованка Костовска државен советник во Министерството за здравство.
– Од податоците коишто ги имаме во Институтот за јавно здравје воочивме дека минатата недела имаме пријавено околу 9.500 заболени од грип, велам пријавено, а сигурно е многу поголема бројката и на оние коишто не биле на лекар и дома се лекувале. Или, вкупно досега имаме 15.800 заболени до минатиот петок, што значи, овие денови оваа бројка сигурно е зголемена, а добро е тоа што нема тешки случаи. Од Клиниката за инфективни болести имаме сознанија дека нема тешки случаи со последици заболени од грип, ниту пак во другите инфективни одделенија во државата – рече Костовска.
Таа информира дека Комисијата за заразни болести донела дополнителни мерки со цел подобро следење на состојбата, да се спречи ширење на грипот меѓу населението, како и навремено лекување на останатите болни.
Исто така, наложено им е на менаџерите да направат ригорозна рестрикција на одморите во овие два месеца за кадарот во здравствените установи.
– Значи, нема одмори, мора да се работи за време на сезоната на грип да има доволно кадар да се помогне на заболените лица – рече Костовска.