Витлеем за Божик – град на духови

by fokus

Вообичаено раздвиженото библиско место на раѓањето на Исус денеска наликува на град на духови, бидејќи прославите на Бадник во Витлеем беа откажани поради војната меѓу Израел и Хамас. На плоштадот Мангер нема празнични светилки и елка, ниту гужви од странски туристи кои пристигнуваат секоја година, јавува Франс 24.

Палестинските безбедносни сили патролираат на празниот плоштад.

Продавниците за подароци се двоумеле дали да се отворат на Бадник, иако некои се отвориле откако дождот престанал. Но, имаше малку посетители.

„Оваа година, без новогодишна елка и без светилки, има само темнина“, изјави францисканецот Џон Вин од Виетнам. Веќе шест години живее во Ерусалим.

Тој рече дека секогаш доаѓа во Витлеем за да го прослави Божик, но оваа година било особено отрезнувачки кога гледал во јаслите на плоштадот Мангер со бебето Исус завиткано во бела ткаенина, што потсетува на стотиците деца убиени во борбите во Газа. Околу и во креветчето има остатоци и бодликава жица.

„Не можеме да го оправдаме поставувањето елка и славење како сè да е нормално, бидејќи некои луѓе (во Газа) немаат ни куќи во кои можат да одат“, рече Ала Саламе, сопственик на ресторанот Афтеем, семеен ресторан на само неколку чекори од плоштадот.

Саламе посочува дека Бадник обично е најпрометниот ден во годината. „Обично не можете да најдете ниту едно слободно столче, полни сме од утро до полноќ“, вели Саламе. Годинава само една маса беше зафатена – новинари таму се засолниле од дождот.

Саламе рече дека неговиот ресторан работи со околу 15 отсто од нормалниот капацитет и не може да ги покрие оперативните трошоци. Тој оцени дека и по завршувањето на војната ќе биде потребна најмалку уште една година туризмот во Витлеем да се врати во нормала.

Откажувањето на божиќните прослави е тежок удар за економијата на Витлеем. Се проценува дека туризмот сочинува 70 отсто од приходот на Витлеем, а речиси целиот се генерира за време на божиќната сезона.

Бидејќи многу големи авиокомпании ги откажаа летовите за Израел, не доаѓаат многу странци. Локалните власти соопштија дека повеќе од 70 хотели во Витлеем биле принудени да затворат, оставајќи илјадници луѓе без работа.

Над 20.000 Палестинци се убиени, а повеќе од 50.000 ранети во израелската воздушна и копнена офанзива против Хамас во Газа, според тамошните здравствени власти.

Околу 85 отсто од 2,3 милиони жители на таа енклава се раселени.

Војната започна со смртоносниот напад на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, во кој милитантите убија околу 1.200 луѓе, од кои повеќето цивили, а киднапираа околу 240 луѓе.

Поврзани новости