Советникот од ВМРО-НП Мето Витанов, денеска излезе со изјава дека вчера бил изманипулиран од централното раководство на ВМРО-НП и дека ќе продолжи да ја поддржува СДСМ во Советот на општина Струмица, сега како независен советник.
-Јас како советник од ВМРО-НП, која до вчера коалицираше со СДСМ, сум грубо изманипулиран од централното раководство на ВМРО-НП, почитувајќи ја нивната одлука за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Струмица. Поради несериозноста на централното раководство на ВМРО-НП си давам оставка од партијата и натамошниот мандат во Советот на Општина Струмица ќе го водам како независен советник поддржувајќи ја советничката група на СДСМ, рече денеска Витанов во видео изјава.
Вчера советникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Пакетов на прес конференција рече дека СДСМ го загубила мнозинството во Советот и дека Витанов од ВМРО-НП преминал во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Пакетов побара да се свика седница на Советот со која ќе се верификува новото советничко мнозинство и ќе се избере нов претседател на Советот, а потоа и нов градоначалник на општина Струмица.
Со последната одлука на Витанов да се откаже од коалиција во ВМРО-ДПМНЕ и да продолжи да ја поддржува СДСМ, паѓаат во вода плановите на Пакетов.