Не е точно дека сум била уапсена, сама се упатив кон обвинителството во Велес, а полицијата ме следеше, реагира почесната конзулка на Хрватска во Македонија Вита Хузјан, откако Фокус објави дека вчера попладне била приведена по претходно распишана потерница од велешкото обвинителство.
-Доброволно сама отдов во обвинителството во Велес, а полицијата ме следеше дотаму. Се обидувале да ме најдат за исказ, 2 години ми праќале покани на стара адреса, на станот кој ми е продаден. Веднаш штом ми ја врачија поканата се упатив да дадам исказ – вели Хузјан.
Таа додава дека некој се обидува да и го наруши угледот, истакнувајќи дека правдата ќе ја бара по судски пат.
-Можев да се повикам на имунитет, но не го сторив тоа. Ќе докажам дека не сум сторила кривично дело – порачува Хузјан.
Претходно, од МВР информираа дека вчера во 12.20 часот на ул.„Франклин Рузвелт” во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги од СВР Скопје ја лишиле од слобода В.Х.(64) од Дебар, а со место на живеење во Скопје.
„За неа била распишана потерница по Наредба на Основно јавно обвинителство Велес за истрага поради сомнение за сторено кривично дело по член 353 од Кривичниот законик – „ злоупотреба на службената положба и овластување“. Лицето било предадено во Основно јавно обвинителство Велес за понатамошна постапка, информираа вчера од МВР“, објавија од МВР.
Како што објави Фокус, станува збор за почесната конзулка Хузјан, која првично побара да не ја вознемируваме и спушти слушалка, а по објавата на текстот реагираше дека не била приведена туку дека сама се упатила кон обвинителството.
В.В.